КАЛЕ

КАЛЕ (СКОЈЕ) – тврдина лоцирана на најјужниот сегмент на ридскиот венец долж левиот брег на реката Вардар. Локалитетот содржи милениумски наталожена историја од праисторијата до 1963, кога современите активни градби се настрадани во катастрофалниот земјотрес. Истражувањата во 1967 г. (при расчистувањето на урнатините) биле изведени на површина од над 3500 м² и на места констатирале културен стратиграфски слој од над 8 м височина. Притоа се констатирани првите релевантни податоци за постоење на населба од енеолитот, со послаб интензитет на живеење и во железното и класичното време до Ⅲ в. пр.н.е., кога животот тука згаснал. Повторно бил обновен во IX в., а својата полна афирмација ја доживува како еден од главните пунктови на Самуиловото Царство, а животот продолжува и во средните векови и во турското владеење. Новите истражувања започнати во 2007 г. ќе обезбедат подетален увид во историјата на утврдувањето. Најмаркантна архитектонска појава, по која оваа тврдина е препознатлива, е монументалниот источен „киклопски” ѕид, чие настанување се поврзува со Самуиловото време. Градот бил организиран во две со ѕидини опкружени градски јадра (Горен и Долен Град), кои ги владееле двајца градски ќефалии-управници. Во долината на Тврдината Кале во Скопје реката Серава, долж која минувал Царскиот Пат, се простирала чаршија со пазаришта. Градот, во кој живееле бројни големодостоинственици и во кој се слевало богатството на империите, бил богато снабден со вода и окружен со бројни цркви, подоцна џамии. ЛИТ.: А. Дероко, Средновековни град Скопље, „Споменик”, 120, Београд, 1971, 1-16; И. Микулчиќ, Старо Скопје со околните тврдини, Скопје, 1982, 119–127; С. М. Ненадовий, Остаци двеју палата византијског стила у средњовековном граду Скопљу, „Саопштења”, ⅩⅤⅠ (1984), 129–135. Љ. Ⅹ.