ПОРЕЧЕ

ПОРЕЧЕ – планинска област во средниот тек на р. Треска. Од исток е затворена со тешко пристапните била на Даутица, Караџица и Сува Планина, на север е одвоена со Сува Гора од Полог, на запад со планините Челоица и Песјак од Кичевската Котлина и на југ со Бушева Планина од крушевскиот крај. На североисток врската со Скопската Котлина ја одржува преку превојот Кула (1.135 м), на југоисток со Пелагонија преку превојот Барбарас (881 м), а на запад со Кичевската Котлина по долината на Треска. Околните планини се составени од кристалести шкрилци, преку кои лежат комплекси од варовници и доломити. Во средишниот дел на пределот, на височина од околу 800 м се протега плато покриено со слатководни песоци и глини од езерско потекло кои се носители на магнетитна и лимонитна руда. Во средината на платото, Треска го всекла своето корито, и со повеќе мали притоки целосно го расчленила. На некои места тоа е покриено со шума, но во поголемиот дел е голо или обраснато со грмушки. Северната планинска периферија ја штити областа од ладните влијанија, така што климата е блага и овде успеваат питомиот костен, виновата лоза и тутунот. Во првата половина на ⅩⅠⅩ в. во П. силно се Килими од Порече развило рударството и тоа експлоатацијата и топењето на железна руда. Како познати рударски села се јавуваат Самоков, Ковач и Ковче. Подоцна, поради нерентабилноста, експлоатацијата на железна руда целосно замрела, а населението од рударството се преориентирало кон печалбарството. Во П. има 51 село и Македонски Брод како градска населба. Најголем број села се наоѓаат на зарамнетите ридови на Поречкото плато. Тие се населени со Македонци, но се зафатени од силни емиграциони движења. Како резултат на иселувањето нивниот број од 18.033 ж. во 1961 г. се намалува на 7.141 ж. во 2002 г. Преселувањето е насочено главно кон Скопје. Основно занимање на поречани е одгледувањето тутун и овоштарството. ЛИТ.: Петар Јованови¢, Порече. Насеља и порекло становништва, СКА, књ. 28, Београд, 1935. Ал. Ст.