АНГЕЛОВ, Иван

АНГЕЛОВ, Иван (с. Радово, Струмичко, 28. Ⅶ 1941) – ботаничар, унив. професор и државник. Дипломирал на Земјоделскошумарскиот факултет (Оддел за земјоделие) во Скопје (1964), магистрирал на темата „Испитување на факултативноста кај некои домашни и странски сорти пченица кај нас” (1972) и докторирал на темата „Наследување на некои квантитативни особини при крстосувањето на пченицата (Три ти цум дурум)”. Првин бил асистент во Институтот за памук во Струмица, Одлеление за селекција и самопроизводство (1964), а Иван Ангелов потоа преминал на Земјоделскиот факултет во Скопје (1968), каде што бил продекан (1982-1986) и редовен професор по Ботаника (од 1991). Дал значаен научен придонес во создавањето на нови генотипови житни култури, главно пченица. Бил избран за постојан консултант на ФАО (1973) и соработувал со бројни институции во странство. Бил министер за земјоделство во Владата на Република Македонија (20. Ⅲ 1991 – 4 IX 1992 и 20. Ⅻ 1994 – 30. XI 1998). Автор е на голем број стручни и научни трудови. С. Мл.