БАБУНА РЕКА

БАБУНА – река, десна притока на Вардар. Извира на источната страна од планината Јакупица, под врвот Солунска Глава (2.540 м), од силен карстен извор, кој се наоѓа под Нежловските Карпи, на височина од 1.720 м, а се слева во Вардар во Велешката Клисура, на височина од 155 м. Во изворишниот дел најпрво тече во правец северозапад-југоисток, потоа до селото Богомила текот добива јужен правец, а од селото Оморани таа лактесто свртува во правец југозапад-североисток и се слева во р. Вардар по кратката клисура Пешти. Долга е 65 км, има вкупен пад од 1.565 м и просечен пад од 24,0%. Сливот зафаќа површина од 612 км 2. По текот од двете страни прима повеќе притоки, меѓу кои позначајни се: Нежиловска, Орашка, Брезничка, Црничка Река и реката Бела Вода. ЛИТ.: Миловој Гашевски, Основни хидрографски особености на главните притоки на Вардар во СР Македонија, „Географски разгледи”, кн. 17, Скопје, 1979; Александар Стојмилов, Физичка географија на Република Македонија, ПМФ, Скопје, 2002. Др. В.