БАЈАЛСКИ, Ристо

БАЈАЛСКИ, Ристо (Солун, 27. IX 1916 – Скопје, 2. Ⅲ 1999) – национален комунистички деец и политичар. Како член на СКОЈ (1935) и на КПЈ (1936), бил секретар на МК на КПЈ (1936) и на Окружниот комитет на КПЈ во Гевгелија (1942 – почетокот на 1943). Во НОВ и ПОМ бил политички комесар на Гевгелискиот НОПО „Сава Михајлов“, политички комесар на НО баталјон „Страшо Пинџур“ и политички комесар на Првиот бугарски НО баталјон „Христо Ботев“, формиран на македонска територија. Бил избран учесник на Првото заседание на АСНОМ и делегат на Третото заседание на АВНОЈ. По Ослободувањето бил министер за трговија и снабдување во Владата на НРМ, член на ЦК на КПМ, секретар на ГО на НФМ, претседател на Трговската комора на Македонија, генерален секретар и претседател на Трговската комора на Југославија, потпретседател и генерален секретар на Стопанската комора на СФРЈ, сојузен и републички пратеник во повеќе свикувања. Носител е на Партизанска споменица 1941. БИБ.: Формирањето на Бугарскиот баталјон „Христо Ботев“, Четириесет години 1941–1945, кн. 6, Скопје, 1962, 502–504; Обновувањето и дејноста на КПЈ во Гевгелија и Гевгелиско во периодот 1936–1940 година, Гевгелија и Гевгелиско во НОВ од 1941 до април 1943 година, Гевгелија, 1979, 33–49; Активноста на МК и организациите на КПЈ во Гевгелиско од април до јули 1941 година, на истото место, 169–181; Реорганизацијата на Месниот комитет во ноември 1941 и дејноста на КП до април 1943 година, на ист. место, 207–224; Дејноста на Околискиот комитет на КПМ за Гевгелиско во периодот од март до ноември 1944 година, Гевгелија и Гевгелиско во НОВ (април 1943 – мај 1945 год.), Гевгелија, 1982, 59–74; Обновувањето на КПЈ во Кавадарци, Тиквешијата во НОВ 1941-1945, кн. прва, Тиквешијата меѓу двете светски војни, КавадарциНеготино, 1983, 201–206 и 308–309. ЛИТ.: Гевгелија и Гевгелиско во НОВ (1941 – април 1943), Гевгелија, 1979; Гевгелија и Гевгелиско во НОВ (април 1943 – мај 1945), Гевгелија, 1982. С. Мл.