БЕЗИСТЕН

БЕЗИСТЕН – трговски куќи градени во Македонија во периодот на турското владеење, во кои се продавало платно и скапоцена стока. Најчесто биле градени од камен, покриени со кубиња и полуцилиндрични сводови и изгледале масивно. Биле лоцирани во склоп на чаршиите. Во однос на архитектонската композиција на основата, можеле да бидат поделени во помали дуќани со внатрешни комуникации или како едноделни простори. Вратите обично биле железни или оковани со железо. Осветлувањето било зенитално, со отвори на кубињата и на сводовите. Безистените во Македонија потекнуваат од ⅩⅤ и ⅩⅤⅠ в., а некои се обновувани подоцна. Зачуван е безистенот во Штип (ⅩⅤⅠ) адаптиран во Уметничка галерија, во Битола и во Скопје (ⅩⅤ), кој е обновен врз старите остатоци на крајот на ⅩⅤⅠⅠⅠ век. ЛИТ.: К. Томовски, Безистенот во Штип, Зборник на Штипскиот музеј, 1961, 97-102; Т. Арсовски, Стара скопска чаршија, Скопје, 1971; Л. Кумбараџи – Богоевиќ, Османлиски споменици во Скопје, Скопје, 1998, 144-147. Кр. Т.