ВЕЛИКА

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА И МАКЕДОНИЈА (ⅩⅠⅩ – ⅩⅪ в.) – Интересот на Велика Британија за Македонија започнал во времето на Наполеоновите војни, продолжува во времето на Кримската војна, а поизразита форма добива во втората половина на ⅩⅠⅩ в., во времето на Сан-Стефанскиот и Берлинскиот договор. Во периодот до формирањето на македонското ослободително движење тенденцијата на британската политика се состоела во следење и испитување на движечките македонски општествено-политички сили. Во втората фаза (1893– 1912), со појавата на ослободителното движење (МРО), таа тенденција добила поизразита форма (Илинденското востание). Извесни промени таа политика претрпела во времето на Младотурската револуција и Балканските војни, кога во геополитички поглед настануваат изразити промени на картата на Македонија. Македонија била поделена меѓу трите балкански држави: Бугарија, Србија и Грција, а извесен дел £ припаднал на новоформираната држава Албанија. Во текот на Првата светска војна проблемот на Македонија бил разгледуван во склопот на општосојузничката политика на Балканот во односите меѓу балканските држави и одделно како специфична македонска појава. На Париската мировна конференција во поглед на територијалната поделба на Македонија, Британците поаѓале од статус љуо-то и не се одело кон радикални средства за создавање нова државна творба на Балканот. Уште во текот на подготовките на Конференцијата, во разговорите меѓу американската и британската делегација бил заземен став со кој не ја одобрувале шемата за една автономна Македонија, бидејќи автономијата значела независност. Таквиот став на Велика Британија се рефлектирал и на самата Конференција. Тоа била една од причините Конференцијата да не обрне внимание на македонското прашање. На Конференцијата единствено место нашло прашањето за заштита на правата на малцинствата. Во периодот меѓу двете светски војни Велика Британија покажувала зголемен интерес за односите на Балканскиот Полуостров, со нагласување на односите помеѓу Кралството на СХС од една страна и Бугарија од друга, поради фактот што од нивните односи зависеле политичките односи на Балканот во целина. Основниот проблем за нарушување на нивните односи претставувало македонското прашање. Во триесеттите години во балканските земји зајакнало движењето за формирање балканска унија или балкански пакт со интенција да се елиминира мешањето на големите сили во состојбите на Балканот. Била прифатена девизата „Балканот на балканските народи“. Велика Британија позитивно гледала на една таква балканска соработка. Било оценето дека македонското прашање е еден од најголемите балкански проблеми, чие решавање автоматски би довело до решавање на сите други прашања на Балканот. Во текот на Втората светска војна британскиот интерес во Македонија го застапувале британските воени мисии што биле присутни во сите поголеми воени единици. Преку нивните извештаи британската разузнавачка служба СОЕ и Министерството за надворешни работи биле запознавани со воените и политичките интенции на македонската НОБ за слободна, независна и обединета Македонија. По Втората светска војна британскиот интерес се насочил кон Грција и зацврстувањето на своето влијание. Зела активно учество во Граѓанската војна во Грција, во која учествуваа и Македонците. По оваа војна голем број Македонци го напуштија делот на Македонија под Грција и заминале во земјите на Југоисточна Европа. ЛИТ.: Христо Андонов-Полјански, Велика Британија и македонското прашање на Париската мировна конференција во 1919 година, Скопје, 1973; Тодор Чепреганов, Велика Британија и македонското национално прашање (август 1944–1948), Скопје, 1997. Т. Ч.