АТЛЕТИКА ВО МАКЕДОНИЈА

АТЛЕТИКА ВО МАКЕДОНИЈА – спортски натпреварувања во одење, трчања, скокања, фрлања и вишебој. Во вид на современо трчање се спомнува во Скопје (1902). Атлетиката била застапена со некои елементи во предметот гимнастика и во гимнастичките организации (1908– 1941), како и во наставата по физичко воспитание (1945–2006). Во повеќето спортски клубови биле формирани атлетски секции (по 1945), а при Фискултурниот одбор на Македонија посебен реферат. Потоа биле создадени атлетски клубови и Атлетски сојуз (1949), а сега се вика Атлетска федерација на Македонија (2002). Првата атлетска патека била изградена во Скопје (1949), подоцна и во другите поголеми градови. Прво републичко првенство било организирано за сениори во поединечна (1950), а потоа во екипна конкуренција, како и натпревари за јуниори (од 1953) и за јуниорки (од 1955). Биле одржувани и меѓурепублички (од 1949) и меѓународни средби (од 1955). Собир на атлетските судии на Македонија е формиран во Скопје (1957). Тренерски кадар е оспособуван преку курсеви (од 1947), а потоа и на високошколските установи. Членови и на југословенската репрезентација биле: Лазо Милошевски, Вера Велјановска, Елизабета Божиновска, Милош Буцевски, Елица Змејкова, Љубиша Трбоевиќ, Јанко Јакимовски, Чедо шаревски и др. З. Р.