ИНСТИТУТ ЗА ФИЛОЗОФИЈА

ИНСТИТУТ ЗА ФИЛОЗОФИЈА – .една од најстарите студиски групи на Филозофскиот факултет (Катедра за филозофија, ННСГ за филозофија). Неговото настанување и дејноста се поврзани со отворањето на скопскиот Филозофски факултет (1920), како и со возобновувањето и развојот на (в.) Филозофскиот факултет во Скопје (1946). Во првите три години, филозофската група предмети се изучувала заедно со групата предмети од областа на педагогијата; од учебната 1949/50 г. постои како одделна катедра на овој факултет. Првиот наставен план ги содржеше предметите: Дијалектички и историски материјализам, Логика, Историја на филозофијата, Психологија и Политичка економија. Во учебната 1951/52 г. се воведени предметите Етика и Естетика, а подоцна, Современа филозофија (1955/56), Формална и дијалектичка логика (1957/58) итн. Институтот водеше перманентна грижа за осовременување и продлабочување на студиите по филозофија. Повеќе па-ти се менувани наставните планови со воведување нови предмети: Увод во филозофијата, Увод во симболичката логика, Историја на логиката, Онтологија, Филозофија на политиката, Теорија на познанието, Филозофија на религијата, Филозофска антропологија, Методологија, Филозофија на менаџерството, Методика на наставата по филозофија (задолжителни); а во категоријата изборни: Социологија на културата, Филозофија на јазикот, Историја на културата, Компаративна историја на филозофијата (индиска, кинеска и грчка), како и нови форми на работа. Од 2004/05 Институтот работи според современите студиски и наставни програми на ЕКТС. Воведени се едносеместрални предмети, но и голем број нови наставни дисциплини: филозофска терминологија, некласични логики, пристапи кон историјата на филозофијата, аксиологија, филозофија на образованието, еколошка етика, практична етика, филозофија на техниката, филозофија на духот, филозофија на постмодернизмот, етика на менаџерството и др. Покрај додипломските, на Институтот се организираат и постдипломски студии (од 1980), прво како студии по марксистичка филозофија (1980–1991), а во 1991 г. се преименуваат во постдипломски студии по филозофија. Од 2005 г. постдипломските студии се реорганизирани според ЕКТС и се воведени поголем број насоки (Историја на филозофијата, Логика, Етика, Естетика итн.). Во првата деценија од својот развиток, поради недостиг на соодветен научно-наставен кадар, на Институтот (тогаш Катедрата за филозофија) беа ангажирани и наставници од другите југословенски универзитетски центри: (в.) Душан Недељковиќ, Живорад Радовиќ, Богдан шешиќ, Загорка Миќиќ, Абдулах шарчевиќ и др., но истовремено се работеше и врз создавањето и стручното усовршување на сопствен научнонаставен кадар. Наставниците и соработниците на Институтот за филозофија, како матична институција, изведуваат настава по филозофската група предмети на повеќе институти на Факултетот и на низа други факултети. Беа и се ангажирани во наставата на постдипломските студии што се организирани на Факултетот и на други академски институции; биле ментори и членови на комисии за изработка и оценка на голем број докторски и магистерски трудови одбранети на институтите на Факултетот, на други наши факултети и надвор од земјата. Полето на научноистражувачката дејност опфаќа низа подрачја: фундаменталните филозофскометодолошки и филозофско-историски истражувања на светската и на нашата филозофска традиција, како и истражувања на актуелните проблеми на сегашнината. Учествувале со соопштенија на низа научни и стручни собири, конгреси и симпозиуми во земјата и во странство, а беа и непосредни организатори на повеќе значајни симпозиуми од регионален и од меѓународен карактер. Го покренаа издавањето на првото филозофско списание во Македонија (в.) „Филозофска трибина” (подоцна (в.) „Филозофија”). На Институтот, во рамките на научната соработка, досега гостувале и одржале свои предавања многумина прочуени филозофи. Во рамките на Институтот, д-р Павао Вук-Павловиќ (1960) ја основа (в.) Естетичката лабораторија. На Институтот (заклучно со септември 2006) дипломирале 737 студенти, а од областа на филозофијата се одбранети 53 магистерски и 49 докторски тези. Институтот има сопствена библиотека со над 20.000 наслови (околу 15.000 книги и над 100 наслови на списанија). ЛИТ.: Филозофски факултет во Скопје: 1920-1946-2006, Скопје, 2006, 81-87. В. Панз. Македонски народни везови, Издание на Институтот за фолклор