КОНСТАНТИНОВИЧ Гаврил Константинович

КОНСТАНТИНОВИЧ Гаврил Константинович .- (вистинското полно име: Гаврил/Гавро Костадинов Тасев) (Смрдеш, Костурско, Егејскиот дел на Македонија во РГр, 4. Ⅳ 1878 – во возот кон Мурманск, Русија, 1. IX 1918) – македонски национален деец, еден од основачите и потпретседател на МНЛД во С.-Петербург, воен лекар. По школувањето во грчки и во бугарски училишта, од 1 јули 1897 г., со стипендија од Министерството за надворешни работи на Србија, се запишува во Ⅵ клас на Ⅱ белградска гимназија. Во ноември 1898 г. моли да биде запишан како питомец во Воената академија, но по информациите од Српскиот конзулат во Битола, молбата му е одбиена. Во 1900 г. ја завршува Белградската класична гимназија „Вук Кара-џиќ” и се запишува како редовен студент на Филозофскиот факултет (Отсек за природни науки) во Белград. На 8 октомври повторно го моли министерот за надворешни работи за стипендија, нагласувајќи дека „без средства и слобода нема ни воспитание ни образование”. Добива стипендија како питомец, но „да се школува на некој руски универзитет и да се подготвува за лекар”. По завршувањето на првата година на Филозофскиот факултет во Белград, на 15. Ⅶ 1901 г. поднесува молба и од 1. IX се запишува во Ⅰ година на Воено-медицинската академија во С.-Петербург. На 28. Ⅴ 1902 г. го известува Министерството за надворешни работи во Белград да не му се праќа веќе српската стипендија, бидејќи очекува руска. На 11. Ⅲ 1903 г. српскиот амбасадор во С.-Петербург Ст. Новаковиќ го известува своето министерство дека Г. К. по август минатата година „никогаш веќе не му се јавува на Пратеништвото”. Меѓувремено, се зближува со К. Мисирков, Д. Чуповски, Ст. Дедов, Д. Мишајков и други македонски студенти и емигранти, па на 28. Х 1902 г. тој е меѓу потписниците-основачи на МНЛД, а на втората седница (29. Ⅻ 1902) е избран за потпретседател и учествува во сите активности на Другарството. По предавањата на Мисирков и појавата на книгата „За македонцките работи”, во декември 1903 г., се наоѓа во голема материјална криза и се согласува да добие српска годишна помош. Но настануваат студентски бранувања на Универзитетот и во Воената академија, започнува и Руско-јапонската војна (1904–1905) и Г. К. е испратен како помошник-лекар во IX московски летечки одред на јапонскиот фронт. Во 1907 г., со одличен успех, ја завршува Воено-медицинската академија, но законски нема „право на служба и лекарска практика во границите на Руската Империја”, бидејќи нема „руско матурско свидетелство”, па е оставен за ординатор на Клиниката. Пројавува активност во словенофилските кругови и избран е за редовен член на СПБСБД и на Црвениот крст (1908), држи јавно предавање против австро-унгарската анексија на Босна и Херцеговина и го потпишува меморандумот што руските универзитети и друштва му го упатуваат „на целиот свет”. Немајќи услови да служи ни во Русија ни во татковината, станува лекар во Туркестан (1908–1910) и работи во сузбивањето на чумата во Манџурија. Се враќа во С.-Петербург како ординатор во приватната Хируршка клиника на проф. Фјодоров (1910/11), а потоа е „ординатор на Клиниката при Катедрата за специјална патологија и терапија на внатрешните болести”. Согледувајќи ја опасноста од балканска војна и од поделба на Македонија, заедно со Д. Чуповски и Н. Димов, започнуваат постапка за регистрација на новооснованото Словеномакедонско национално-просветно друштво „Св. Кирил и Методија” (27. Ⅵ 1912). Надлежните руски власти го одбиваат регистрирањето и почнува Првата балканска војна. Сакајќи да се најдат на местото на настаните, К. Мисирков стигнува во Солун, Н. Димов во Софија, Д. Чуповски во Велес, а на 5. Х 1912 г. Г. К. поднесува молба до СПБСБД „за лекар во одредот што се испраќа во Србија и Црна Гора”, нагласувајќи дека „како човек родум од Македонија ги владеам грчкиот, турскиот, бугарскиот, српскиот и словеномакедонскиот јазик”. Станува управник на Руската воена болница во Цетиње (23. Х 1912). Одликуван за работата, но разочаран од резултатите од војната за Македонија, на 27. Ⅰ 1913 г. ја напушта Црна Гора и се враќа во Петербург (7. Ⅱ 1913). Како еден од тројцата најистакнати членови на Македонската колонија во С.-Петербург, на 1. Ⅲ 1913 г. го потпишува првиот Меморандум на ополномоштените Македонци до Лондонската конференција. Се готви македонска делегација да патува во Париз и во Лондон. На 7 јуни го потпишува и вториот Меморандум до Владите и до јавноста на сојузните балкански држави. Учествува на разни собранија и трибини и во подготовките и издавањето на сп. „Македонский голос„ (Македонски глас)”. Дава изјава за Македонија во в. „Петроградская газета” (4. Ⅶ 1913). Во 1914 г., под псевдонимот Вражиновски, ја објавува малата брошурка-агитка „Славјанофилите и нововременските македонофоби” против словенофилите во „Славянския изв‹стия” и србофилите во „Новое время”, а за македонска држава во Балкан-ска федерација. Заминува во Прага и работи како „ординатор на Хируршката клиника на професорот Кукули и на Гинеколошката клиника на професорот Пихта”. По почнувањето на Првата светска војна се враќа во Петроград, но наскоро е мобилизиран и испратен на фронтот во Прусија, како „постар лекар во Ковенската болница”. По отстапувањето на руските војски, се враќа во руската престолнина. По барање на сојузничката Србија, испратен е во Ниш како договорен „воен лекар воⅤкадровски полк на шумадинската дивизија”. Ранет е во битките со бугарската војска кај Лесковац, но и натаму ја извршува својата должност. Го преживува префрлањето на српската војска преку Албанија до островот Крф, каде што Врховната команда на српската армија му одобрува „отсуство за лекување” (23. Ⅱ – 1. Ⅴ 1916), на располагање на Српската легација во Петроград. Држи предавања за војните на Балканот и објавува статии во печатот. Од август 1916 г. е поставен за договорен трупен лекар на Ⅰ српска доброволечка дивизија и, како санитетски капетан од Ⅰ класа, преку Одеса ги продолжува борбите во Добруџа, но доаѓа во судир со српски офицери и е затворен. Незадоволен, ја фрла српската униформа и како руски поданик ја облекува руската и на 15. Ⅱ 1917 г. поднесува оставка. Веднаш е испратен во Елисаветград како управник на Ⅰ српска амбуланта за да ги лекува српските бегалци и доброволци. Се разболува и се враќа во Петроград, каде што се вклучува во Македонскиот револуционерен комитет на Д. Чуповски за Балкан-ска Федеративна Демократска Република. На 10. Ⅶ 1917 г. напишува „Отворено писмо од јужнословенски револуционер до предавниците на Русија и на словенството” и го објавува во петроградски весник, поради кое весникот е забранет и текстот се растура во ракопис со потписот „Руски граѓанин д-р Константинович, македонски револуционер”. Од почетокот на август 1917 г. заминува во гр. Кем како епидемиолог при Дирекцијата за изградба на Мурманската железница. По Октомвриската револуција се определува за болшевиците и во мај 1918 г. станува член на Извршниот комитет на Советот на работничките и селските депутати во градот Кем и комесар за народно здравје. Ги подарува сите пари и добиени ордени „во полза на Револуцијата”. Како лекар, комесар и општественик учествува во работата на Револуционерниот трибунал и на Околискиот совет на работничките и селските депутати, често зборува и поднесува реферати. Во еден таков говор се декларира како „Јужен Словен и македонски револуционер” и настапува од името на „македонските револуционери”. Напишува и еден „дијалог” под наслов „Револуционер и тиран”. Но во почетокот на јули 1918 г. интервенционистите од Антантата го заземаат Кем, го фаќаат Г. К. и го предаваат за иследување во Ⅰ српска доброволечка дивизија. Обвинет е за „своеволно напуштање на српската војска” и за „бесправно отфрлање на српската кокарда и еполети”, како дезертер, предавник, шпион, противник на Србија и на нејзините сојузници, притоа болшевик и советски функционер што одржувал врски со дисидентите во Елисаветград и не се признавал како Србин, туку како „Македонски Словен”. По долго испитување, не биле најдени правни докази за судење и бил испратен кај Англискиот интервенционистички центар во Мурманск, но набргу е вратен во Дополнителниот баталјон на СХС и, по новите испитувања, бил убиен во возот за Мурманск и исфрлен од вагонот. БИБ.: Македонец„ д-р„ Константинович„, „Петербургская газета”, ЏЛВИИ, – 180, Петроград„, 4. Ⅶ 1913, 2; Вражиновский, Славянофилì и нововременнìе македонофобì, Петроград„, 1914; Г. В…….ский, ПисÝмо из„ Костура, „Македонский голос„ (Македонски глас)”, Ⅱ 9, Петроград„, 2. Ⅲ 1914, 13–15; Ужасì героической Сербии. Расказ„ д-ра Константиновича, „Биржевия в‹домости” (вечерний вìпуск„), 15431, Петроград„, 9 (22). Ⅱ 1916; Ужасì героической Сербии. Расказ„ д-ра Константиновича, – „Биржевия в‹домости” (вечерний вìпуск„), 10. Ⅲ 1916; Страничка балканских„ кошмаров„, Расказ„ д-ра Константиновича, „Биржевия в‹домости” (вечерний вìпуск„), 15477, 1 (14). Ⅳ 1916. ИЗВ>: ЦентралÝнìй Государственнìй Военно-исторический Архив, Москва, ф. 316, оп. 66, д. 1239; ЦентралÝнìй Государственнìй Исторический Архив Санкт-Петербурга, ф. 400, оп. 1, ед. хр. 1407; Архив Србије, Београд, ф. ПП, ред 314, 1897; ПП, ред 255, 1898; ПП, ред 253, 1899; ПП, ред 270, 1900; ПП, ред 309, 1902; ф. Вш, Ⅵ– 1283, 1900. ЛИТ.: Данчо Зографски, Развојниот пат и учеството на Македонецот д-р Гаврил Константиновиќ во Октомвриската револуција, „Гласник на ИНИ”, И, 2, Скопје, 1957, 17–37; Блаже Ристовски, Димитрија Чуповски (1878–1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград, И, Скопје, 1978, 164–172 и Ⅱ, 59–60 и 316–317. Бл. Р. Георги Константиновски