ПЕЛАГОНИЈА

ПЕЛАГОНИЈА – најголемата котлина во РМ со површина од 4.000 км². Се протега во меридијански правец север – југ во должина од 80 км. Рамничарскиот дел од котлината се наоѓа на просечна н.в. од 650 м и зафаќа површина од 120.600 ха. Најниска точка во котлината е 575 м, кај с. Долно Егри во Битолско Поле, а највисока е 2.601 м. Со Тополчанската греда, Пелагонија морфолошки е поделена на два дела: Прилепско Поле на север и Битолско Поле на југ, а во егејскиот дел со гредата Кизли–Дервен е одвоено Леринско Поле. Во западниот дел на котлината се јавуваат уште две помали морфолошки целини: Цапарско Поле во долината на шемница и Демир Хисар во изворскиот дел на Црна Река. Таа е формирана по тектонски пат со раседнување и спуштање по должината на раседни линии во текот на терциерот. За време на неоген-плиоценот во котлината егзистирало Пелагониско Езеро. Тоа овозможило овој басен да биде исполнет со неогени и квартерни седименти со голема моќност. Во битолскиот дел моќноста на седиментите е 700 м, а во прилепскиот дел 380 м. Рамката на котлината ја прават планините: Бабуна, Селечка и Ниџе на исток; Баба, Бигла, Илинска Планина и Бушева на запад и планината Даутица на север. Поради близината на Егејското Море и географската широчина би требало да владее средоземноморска клима. Но поради големата надморска височина владее умерено-континентална клима. СГТ на воздухот во Прилеп и Битола е 11,2°Ц, Пелагонија, најголемата котлина & житница во Македонија а врнежите 556,7 мм во Прилеп и 602,0 мм во Битола. Најголема река е Црна Река, која е главна одводна артерија и тече по рамното котлинско дно. Со изградбата на браната „Стрежево“ на реката шемница, десна притока на Црна Река, во Битолско Поле е овозможено наводнување на околу 20.000 ха обработливо земјиште. За одгледување тутун во Прилепско Поле се користат водите од Прилепското Езеро. Во неогените седименти се откриени големи резерви на јаглен – лигнит, врз чија основа се изградени трите блока на најголемиот РЕК Битола кај с. Суводол во РМ. Во Пелагонија се остваруваат најголеми приноси на пченица и пченка во РМ, така што претставува главна житница. Голем производител е на индустриски култури: тутун, шеќерна репка, сончоглед и др. Најголеми градски центри се: Битола, Прилеп, а во егејскиот дел – Лерин. ЛИТ.: А. Стојмилов, Физичка географија на Р. Македонија, Скопје, 2003. Т. Анд.