САМОУПРАВУВАЊЕ

САМОУПРАВУВАЊЕ – посебен општествен систем, реализиран во одреден период во СФР Југославија. Идејата за самоуправување им се припишува на социјалутопистите, а првпат е реализирана во времето на Париската комуна во Франција (ⅩⅠⅩ в.). Идејата за самоуправување и работничка контрола беше иницирана во Советскиот Сојуз, во времето на НЕП (Нова економска политика), но не доби позначајна практична реализација. По Втората светска војна самоуправувањето се воспостави и се развиваше како официјален општествен систем во СФРЈ, поточно во периодот 1950–1990 г. Одреден вид самоуправување претставува и партиципацијата, при која работниците учествуваат преку свои претставници во управувањето на претпријатијата. Во почетокот, самоуправувањето во СФРЈ, во чиј состав беше и нашата земја, се развиваше како работничко самоуправување во претпријатијата, а потоа прерасна во концепт на општествено самоуправување и се прошири во разни сфери на општествениот живот. Самоуправувањето беше воведено со посебен закон (26. Ⅵ 1950). Подоцна тоа стана предмет на регулирање и во Уставот на СФРЈ (1953, 1963 и 1974). Според Уставот и законите, самоуправниот систем ги имаше следниве основни карактеристики: општествена сопственост на средствата за производство, самоуправни општествени односи (самоуправување во претпријатијата и општеството), самостојност на претпријатијата, деетатизација, децентрализација, комбинација на планот и пазарот, самоуправна распределба на доходот, учество на граѓаните во општествено-политичкиот живот (делегатски систем) и др. Самоуправувањето се остваруваше непосредно (преку собир на работните луѓе, референдум и преку други облици на непосредно изјаснување) и посредно (преку претставници во работничките совети, во самоуправната работничка контрола и во други органи на управување). Во времето на самоупраувањето постоеше раздвоеност на управните и раководните функции во претпријатијата и во општеството. Самоуправниот општествен систем беше под-ложен на бројни промени и усовршувања во насока на јакнење на пазарната ориентација на економските субјекти и развивање на демократските односи, либерализација на цените и на економските односи со странство, зголемување на продуктивноста и ефикасноста на стопанисувањето и др. Меѓутоа, очекуваните резултати изостанаа. Поради тоа се правеа чести реформи заради усовршување на системот („реформи на реформи“). Порадикални промени беа преземени во 1965 г. со познатата Стопанска реформа, потоа во текот на 1970тите години, со конституирањето на системот на здружен труд и во 1980-тите години со напорите за економска стабилизација на земјата и реформирање на општествениот систем. Со Уставот на самостојна РМ (1991) се напушти самоуправниот општествен систем и се воспостави нов општествен систем, заснован врз пазарната економија и парламентарната демократија. ИЗВ.: Устав на СФРЈ и соодветни закони. ЛИТ.: Никола Узунов и др., Применета економија, Скопје, 2003. М. С.