СТОЈАНОВ, Петар

СТОЈАНОВ, Петар (Велес, 17. Ⅵ 1922 – Скопје, 8. Ⅹ 1995) – историчар, научен советник во ИНИ. Како гимназијалец му пристапил на комунистичкото младинско движење и станал член на СКОЈ (1941). Бил учесник во НОАВМ (од 1944). По Ослободувањето станал член на КПЈ (од 1945) и дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје (јуни 1950). Извесно време бил професор по историја во Велешката гимназија, го основал и го раководел тамошното Архивско средиште, подоцнешниот Историски архив на Велес. Се вработил како асистент во ИНИ (1956) и го проучувал минатото на Македонија во времето на Балканските и во Првата светска војна. БИБ.: Петар Поп Арсов во националнореволуционерното движење на македонскиот народ (1868–1919), Скопје, 1963; Тројната поделба на Македонија, Скопје, 1968; Македонија во времето на Балканските и Првата светска војна (1912– 1918), Скопје, 1969; Македонија во политиката на големите сили во времето на Балканските војни 1912–1913 година, Скопје, 1979; Велес и Велешко во Народноослободителната војна 1941–1945. Спомен книга на загинатите борци во НОВ и жртвите на фашистичкиот терор од Велес и Велешко, Титов Велес, 1985 (со коавтор). ЛИТ.: 50 години Институт за национална историја 1948–1998, Скопје, 1998, 210–212. С. Мл.